Филигран

дознај повеќе

Филигран

Филигран е една од најубавите техники за обработка на метал. Со оваа техника, низ годините е изработуван најубавиот накит и украсните предмети на кои и денес им се восхитуваме. Името на оваа техника потекнува од латинските зборови filum, што значи жица и granum, што значи зрно.
За да се изработи накит или предмет со оваа техника, се користи метал како злато, сребро и многу малку бакар. Жиците се виткаат, а може и меѓусебно да се плетат и така да се формираат различни мотиви, кои потоа можат да се стават на метална подлога или да се остават слободно (a-jour-filigran). Од филигранската жица, може да се направат: кругови, цветови, геометриски форми…

финеси

Историја на филигранот

Иако филигранот стана посебна гранка на јувелирството во модерно време, оваа техника била составен дел на златарите уште од античко време. Имено, целиот накит на Етрурците и во Античка Грција бил правен со лемење, наместа со резба или гравирање на материјалите. Филигранот е најраспространетата техника во уметничката обработка на сребро и злато. Бидејќи не постоеле мостри и шеми за изработка на мотиви, кај оваа техника најмногу е пројавен индивидуалниот народен дух. Секој мајстор сам си ги комбинирал шарите, а добрите мајстори на филигранот биле надалеку прочуени и добро платени за својата работа. Филигранската техника првенствено е застапена во Медитеранот. Познати се примероци накит кои се пронајдени во Троја и кои потекнуваат од 2500 г.п.н.е. како и во Микена од 1500 г.п.н.е. Преубави примероци накит изработени со филигранска техника откриени се во етрурските гробници кои потекнуваат од VI век п.н.е.
Во Стариот Рим, филигранската техника се користела на големо. Под влијание на римската уметност во време на „големата преселба на народите“, оваа техника на изработка на накит била широко прифатена и кај германските племиња. Својот зенит го достигнува во Византија од VI до XII век.
Откако филигранот го достигнува најголемиот раст во изработка на накит и предмети во текот на XII и XIII век, тој полека замира и повторно се појавува како модерен накит и предмет дури во 1800 година. Наспроти овој раст и подем на ваквиот тип на обработка на металот, оваа техника цело време е во фокусот на изработка на народни уметности во Европа и Азија.

Византиското влијание на филигранот

Византиското влијание има оставено печат и на сребрените и златните обетки во филигранската техника од XII до XIV век. Во овој период филигранската техника се применува и за изработка на друг вид на накит, како што се прстените и алките. Алките најчесто се изработувани од сребрена плочка (тахта), на која е залепена сребрената филигранска жица. Филигранот, често се користел и за изработка на предмети кои се употребувале во литургиските служби. Сочувани се бројни примероци на крстови кои се изработени со оваа техника.

Во тешките моменти, во средината на XV век, во одреден временски период, изработката со оваа техника запира, а повторно „оживува“ во средината на XVI век. И покрај тешкиот период, мајсторите кои се занимаваат со оваа техника, си даваат слобода и ја ослободуваат својата замисла и креираат накит кој е збогатен со жица и стаклени камчиња, за истиот да изгледа по богато и по раскошно.
Сепак, постепено доаѓа до фолклоризација на накитот, и тој престанува да е скапоцен украс со висок уметнички квалитет. Доаѓа до ориентален впечаток, кој главно го втиснуваат Туците во тој период.

финеси

Начин на изработка

Според начинот на изработка, филигранот се дели на вистински и псеудофилигран или лажен филигран.
Вистинскиот филигран, се изработува на два начина. Кај првиот начин, постапката за изработката на предметот е слободно делување во просторот околу контурата на предметот, и истиот се вика лелеав филигран. Вториот начин, се изработува, така што се прави шаблон, како на контурата на предметот, така и на внатрешните елементи на производот.
За да се изработи премет или накит со техниката филигран, потребно е најнапред да се обликува надворешната контура (улза). Оваа контура се изработува од подебела жица, која се лепи и истата ја дава цврстината на предметот. Откако ќе се формира обликот на саканиот предмет или накит, истиот треба да се пополни со најтенка жица (тура). После спојувањето на сите елементи од предметот или накитот, истиот се украсува со додавање на зрна од сребро, ситни или крупни камчиња од стакло, како и скапоцени камења.
Псеудо филигранот или лажниот филигран, се изработува така што целиот и излиен, а потоа се доработува со исчукување, стругање и гравирање на истиот.За разлика од вистинскиот филигран, овој вид на изработка е видливо погруб и помасивен.

Чистина на сребро

Чистото сребро -Fine Silverе со каратност од 999,99 тоа се добива со рафинирање на среброто со послаб квалитет, ова сребро има најголема мекост и затоа најлесно се обликува.За да се добие сребро со чистина од 925 карати, потребно е во 1000 грама сребро (Ag), да се додаде 75 грама бакар (Cu). Чистото сребро или Fine Silver се топи на 960˚C, Sterling Silverсе топи на 893˚C, додека Златото(Au), се топи на 1063˚C.